Митко Гогов – … а требаше да биде траума од процесот

вдахни си тревкаста роса на твоите очи

уплавот како корен од клетва пушти го
во речното корито на судните води.

во раката срцето на светот ни отчукува
и тоа сѐ повеќе боли Continue reading

Даниел Карески

Правила на животот

Последните звуци од гитарата,
Крајниот аплауз за публиката,
Фрлањето стапчиња за поздрав,
Последниот чад од цигарата пред откажување,
Алкохолот на дното од чашата,
Љубовта на дното од душата,
Мигот на тишината после бакнеж,
Солзата што на образ догорува,
Распродадената книга,
Успешно завршената задача,
Крајот на викендот без обврски,
Последното ниво на апстракноста,
Капката дрога до предозирање,
Нештата на напуштената бензиска,
Единствената боја на виножитото,
Одљубувањето на прељубникот,
Воздишките после чинот на љубов,
Изгризените корупки од лимончиња,
Последните зборови од муабетот,
Нотите што го градат крајот на песната,
Сонцето кое заоѓа,
Последниот очаен потег
пред крајот на играта,
Истото сонце кое го убива сонот,
Патувањето кое те враќа дома,
Последната изедена коцка

од омиленото чоколадо со рум,

Мирисот кој бледнее во нашите мисли,
Крајот на танцот со личноста што
Толку многу не сакаш да ја испуштиш,
За секунда пропуштениот краен рок,
Последниот здив пред новиот почеток

Кој сам си го ветил,

Мигот кога токму твојата песна

ја побарал друг,

Интересниот дел по раскинувањето,
Залудните извинувања по смирувањето,
Нештата што почнале чудно,
А ти донесле толку среќа и
Сфаќањето дека она што цел живот
Си го чекал или сакал, најверојатно
Не вредело да биде чекано или сакано
Се само мигови кои прават
Да сакаш да постои барем уште еден крај,

Веднаш после последниот.

Афродита Николова

Одментеши

Одментеши.
Одментеши ги фотографиите
што ги лижевме
како деца
јазици на Сарашвили
одментеши
ги мртвите лисици на фотографиите
дечиња што зборат на Свахили и јадат мармалад.
Мармалад и Персиски понија –
Ако ти кажам дека нема ни малку
лад во 4 сабајле во Скопје ниту марма-лад в тегли,
жешки сонца и супернови
ќе ме
изедеш ли?
Како воздух –
Одментеши спојувалки за хартија или барем една трепка
и индиго фотографии од Романија
во 1963та
Ако ти кажам дека нема земјо-
треси,
Одментеши ја Влашката азбука, здивови уловени на камери
во темната комора –
кога ги лижевме
нашите фотографии од
светски химери и природни –
да, природни ката-
строфи.
Одментеши.
Усни и гнасни
времиња, дождовни одливи и
зар’ѓани сонати –
Отклучи си ја косата
за
мене.
Отклучи си ја косата
за
мене. Во една од Сараевските џамии
мачките зборуваат на Санскрит –
Одментеши,
не нас во темната комора кога лижеме
испревртени светови,
туку
врапчињата
од
гранките
на
горскиот јавор.
Дури
и тие се
разболени,
оти јази-
ците ни
се
неглаголени.

Препев од англиски: Зорица Петкоска