Давор Стојановски

Импровизирани часови

Потребна е храброст да ја извадиш
маската во античкиот хор и да станеш
еден од ликовите на трагедијата.

Инаку ќе потонеш во едноличност.

За да имаш свој глас, иако е стих
напишан од демиург што не го ни познаваш,
потребна е решеност да ја заслужиш смртта.

На крајот од нас останува удар.

Ние сме одминат звук,
пулс што одекнува на топла перница,
населуваме мала вселена од мечти
и се молиме да се сетиме.

Потребно е само да знаеме
да научиме како да мразиме
додека звукот полека престанува да звучи.

Вечноста е конструкт. Друго небо треба да населиме.
Да вежбаме постоење.

Научи да ја играш сам сопствената претстава.
Излези од хорот. Слечи ја маската.
Импровизирај го текстот. Не мери го времето со живот.
Така ќе се пресретнеш себеси.

За да те запознае,
некој треба да го притисне увото за најбезличниот
предмет.

И ќе те чуе.

Не зборуваме ниеден јазик.
Не населуваме време.
Можеби сме умрениот Господ

зашто и онака премногу живееме веќе.