Драгана Евтимова – Колку ли треба?

Колку ли треба да си празен
за да те издува ветерот
на другата страна од Земјината топка?

Има едно време што е постаро од мене.
Има едно време што е постаро од тебе.
Во него има
нови почетоци и стари продолжетоци,
завршени внатрешни монолози,
вгнездено време во рамка од прозорец,
парченца од искршен живот на непознат минувач
што се одвикнал од самотијата,
и зафрлени спомени.

Колку ли треба да си сам,
за да можеш да останеш
таму каде што не припаѓаш?

Низ љубопитните погледи измешани со страв,
во магливите градови со нејасна историја,
како одрони од времето,
низ непреспиените ноќи по автопатите на светот,
и желбта за подобра иднина што тивко се појавува
а потоа низ процепите на времето
закатанчено успева да преживее,
колку ли треба да си сам,
за да можеш да останеш
таму каде што не припаѓаш?

Само детството е невино сеќавање
со завршена приказна,
која има среќен крај.

Leave a comment