Катерина Гогова – Здив

Се плашам дека еден ден
ќе го отворам
кутивчето
што ми ги чува
желбите за вечна есен
и повторно ќе биде септември

Ќе се родат јаболка
позлатени од доцните лета
ќе се отпетла ноќта
и ќе засвети студот
што фрла роса
во полињата детелина

Се плашам дека еден ден
нема да знам
како да го отклучам
срцето да ја пуштам смртта
да се откаже од мене
и вистината

Би се откажале
сите катанци од постоење
се плашам дека
и овој здив всушност не постои
чекам да заврши жетвата
да се предаде небото

да се одгатне времето
неизбежно е
здивот ме јаде во страв
на изгубено стадо
по планините
ќе ме издаде

Leave a comment