Митко Гогов – .плакот го собрав и порачав нова песна

(она што не сакаш да го читаш)

влегуваш во празна кола,
душата мириса на опстоен леб,
нема шофер,
а не знаеш ни каде одиш. тргнал,
кинисал, до анасана.

изгубен патник без дозвола за летање.
луѓето се повеќе сакаат да патуваат
до немајкаде, оти и пронајденото
е блато кое собрало духовни алги кои немаат
лековито дејство. печалење, чаталење,
на туѓ грб. што се сто стапа на
нечија сенка?

парфемите само ја ублажуваат присутноста,
не сечија душа мириса убаво. старата вода
од баба само ме потсетува дека во дрвеното кутивче
розата се чува, но само што ќе ја отвориш

течението грозоморно пишти:

затвори ме.

затворени сме секогаш кога сакаме
да угодиме. на сите. феноменологија (?!)
како супститут на глупоста. “сите“ е поим кој не
постои, но има мизерници кои не можат да го
следат ни ритамот на сопствениот од,

а сакаат да свират на гитара. баскери.
изгубениот живот е обланда на
протратените визии. на седиштата седат
духови. плашот е страш без појасот за безбедно
патување до рововите во кои ги
закопавме коските на вистината.

ние сме повеќе од потребата некој да умре.
среќен. постои мрзелива мелодичност
со индиски призвук и молитиви кои не ги разбираме.

постојат и коњи кои не се потковани.

постоиме и ние кои прагот го чуваме чист,
не секој може да биде добронамерен гост.

некои и на целиот локум остануваат да бидат

позади вратата. старите учители се стрват на стапот
со кој удираа по дланките. сега никој не подава рака,
такви сме. туѓата болка правиме да биде поразителна,
туѓата желба за создателност е осудена на
клетви. проклетијата на менито е предизвик,

отровот го земаме на кредит.
чувам спомен од едно време кога
децата се радуваа на есенскиот дожд.

без да плачеме…

а плачеме, сите. тивко, кротко, скромно –
потсвесно. постојано.

Leave a comment