Екатерина Панева

Ова ќе биде расеано.
доста конфузно ко прашина
под утрински зрак кој се пробива низ ролетна
во студентска соба за време на испитна,
неисчистена од мисли штетни за
мозочниот озон.

Цел тефтер тежи на прозор,

нацицан со
изговори ароматизирани,
да оправда збунетост на овој автор.

Не пробувам да се извинам.
Често луѓето кои викаат Извини
се по дефинција Досадни.
А никому не ќе му се најдат дефиниции
такви,
сирови – несуштински бездни а популарни
ко капиталистичко суши без вкус.

И луѓето кои не знаат да пресметуваат дропки
се дефинираат најчесто како – прости.
Ама ајде!
Тоа се луѓе по дефиниција, безвременско среќни,
безгрижни.

Сретнав девојка која не знаеше дека една четвртина,
и една четвртина се една половина.
Ниту знаеше што означува таа “една четвртина”
Ниту сакаше да стави црта меѓу броевите.
Сфати со коцки чоколадо, затоа што единствено тоа го делела…
За да и остане за утре, или за после
… ама пак да си го стопи во себе…

Среќница!

Никогаш не се поделила себе. Ни дел од својот живот.
Такви дропки тешко се собираат.
Всушност, деловите од сам себе никогаш не се собираат.

Ќе се разделат во некој душевен еџгзодус
во (не)временски, (не)постоечки секвент
и Пуф!
Ко под зла амајлија ќе ти се скријат под
слоеви на ќебиња намачкани
со свежо испечен
сам себе, ниту приближно
вкусен како есенски џем од сливи.

А сам на себе никогаш не си топлина.
Само тегоба, бреме на несигурност.

И оди па собери се!
Нестрпливо чекам да видам како ќе ставиш под ист именител
љубов и заборав.
каење и неодлучност.
спомен и чекор напред.
апатија и иронична револуционерност.
капитализам и спирутиалност
овде и таму.

Како ќе ставиш европски студ и
балкански 7/8ски такт во една заграда
со заеднички множител.

Епа да, ќе ги ставиш.
Ќе ги усвитиш под некоја вештачка црта.
Ќе ги заградиш и заштитиш да не се уништат.
Ќе ги завариш со туѓи атоми
Само да не се растурат ко ѓердан бисери,
Зошто, тешко се собираат
Кога ти вибрира душа
од лошо вино.

Ама нема да се уништат дропките.
Само, она, целото…

Цел, половичен или на небројни и ненајдени делови,
кога ќе се разбудиш и од ролетните ќе те збуни зрак или
сенка од нечија светлина,
ќе те загради нечија целина,
ќе те собере за кратко во својата
и
ќе си речеш,
да сум жив и здрав.

Една убава светска приказна

Неодамна добивме mail од главниот организатор на оваа меѓународна манифестација Мајкл Ротенберг дали би можеле да искористат еден од постерите испратени изминатава година на нашиот конкурс да биде искористен како идејно решение за настан кој ќе се организира во некоја … Continue reading