Поетско читање во Гевгелија против насилство

Ова е меѓународна манифестација која преку социјално ангажирана поезија… Continue reading

Даниел Карески

Правила на животот

Последните звуци од гитарата,
Крајниот аплауз за публиката,
Фрлањето стапчиња за поздрав,
Последниот чад од цигарата пред откажување,
Алкохолот на дното од чашата,
Љубовта на дното од душата,
Мигот на тишината после бакнеж,
Солзата што на образ догорува,
Распродадената книга,
Успешно завршената задача,
Крајот на викендот без обврски,
Последното ниво на апстракноста,
Капката дрога до предозирање,
Нештата на напуштената бензиска,
Единствената боја на виножитото,
Одљубувањето на прељубникот,
Воздишките после чинот на љубов,
Изгризените корупки од лимончиња,
Последните зборови од муабетот,
Нотите што го градат крајот на песната,
Сонцето кое заоѓа,
Последниот очаен потег
пред крајот на играта,
Истото сонце кое го убива сонот,
Патувањето кое те враќа дома,
Последната изедена коцка

од омиленото чоколадо со рум,

Мирисот кој бледнее во нашите мисли,
Крајот на танцот со личноста што
Толку многу не сакаш да ја испуштиш,
За секунда пропуштениот краен рок,
Последниот здив пред новиот почеток

Кој сам си го ветил,

Мигот кога токму твојата песна

ја побарал друг,

Интересниот дел по раскинувањето,
Залудните извинувања по смирувањето,
Нештата што почнале чудно,
А ти донесле толку среќа и
Сфаќањето дека она што цел живот
Си го чекал или сакал, најверојатно
Не вредело да биде чекано или сакано
Се само мигови кои прават
Да сакаш да постои барем уште еден крај,

Веднаш после последниот.

Жаклина Михајлова

Раскошен румор

Различноветва радост рано рани,
за рассон , за резон, за ритам
За родот да е радословен и размножен,
за (на)родот да е разиграно разбрануван.

Решено, речено, ракотворено,
распоредено рачно на растојание.
Редок разговор, ретка разгледница
ретка роса на роза, расипана рамнотежа…

Резонантно ритмична романтика
раскошно распослана ровари.
Разборита, разгранета разделница
ризично рајска раат ’рти.

Резервираност ли е,
ил река руморливо растечена!

Сиднеј,
31-07-2013

Тоде Секулоски

Митоза

Кога најсреќниот момент
Е разделба со разумот
Кога куферот емоции
Е заборавен на перонот
Кога желба единствена
Е пиво и полјана
Кога бреме на гради
Си оставил дома
Кога патот под нозете
Нема цел ниту време
Кога ковчег со богатство
нема значење ни стремеж
Кога бура те обзема
Ти водиш љубов сред виорот
Се прашуваш ’’Ова ли е
Почеток на животот?’’

Николина Нолевска

До кога ќе останеме поделени?

И зошто?

Таа или Тој, или обратно,
Север или Југ, сеедно,
На два различни пола стоиме
И стратегии за надмоќ кроиме.
Родот не е потекло,
Повеќе е ефект,
Зашто сами го создадовме,
Вешто, кон природата го додадовме.
Јас сум она што Ти не си,
Секој носи свои белези.
Сепак, значењето останува како бледа „трага“,
хаосот на моќта сè претвора во лага.
Се враќаме кон веќе виденото,
Како да сакаме да го надминеме веќе стореното.
Се вртиме во маѓепсан круг,
Впрегнати во за`рѓан плуг!!!
Стравуваме од промени и нови идеи,
Заглавени „до гуша“ во стереотипија,
Вклештени во спокојство и монотонија,
Сè повеќе тонеме во самотија.
Доброволно се осудуваме на изолација,
Упорно тонеме во фрустрација,
Лесно стануваме жртви на манипулација,
Никако да се спасиме од стагнација.
Сепак, меѓу нас, некои, копнеат по одговори,
Некои, меѓу нас, се „отворени“ за промени
Сè до мигот кога ќе станеме определени:
По „невозможни“ договори,
Без разлика на полови,
Преку себенаметнување,
Преку преобразување,
Преку себесоочување.
Остануваме поделени,
Против униформирања,
Против обезличувања,
Против премолчувања,
Против ВКАЛАПУВАЊА!!

Небојша Стојаноски Мајор

Гнида на бесмисленоста

Лежам во кревет стуткан меѓу четири ѕида,
Ме јаде малку, по малку една гнида, гнида на бесмисленоста.
Мојата душа сум ја заборавил некаде позади седум рида,
А, парчиња од телото ми кине временскиот мршојадец,
Јас умртвено чекам на чудо, додека со моето клопче на судбината,
Како со фудбалска топка шутирам во гол без пречки и стативи
И се надевам дека клопчето ќе го набијам во бездната на љубовта.

Можеби и ќе го пропуштам својот мал воз,
Но, така е кога човек брои големи возови,
А, проклетсвото на броење на возови, секогаш го следи бројачот.
Колку повеќе броиш, толку повеќе гнидата те јаде,
Колку повеќе броиш, толку повеќе парчињата од телото
му се повкусни на временскиот мршојадец.

Габриела Стојаноска – Станоеска

Кој би помислил

Кој би помислил некогаш
дека крвта може убаво да ти мириса
а да не си умно заболен човек?
А ете оваа крв која два дена шурка од мојата ранета матка
и која мириса сосема поинаку од менструалнaта крв
има толку сладок и мил бебешки мирис,
толку мил што жалиш дека по некој ден ќе го загубиш
како што пред два дена го загубив
малото, нежно, свилено и беспомошно кукленце
што се капеше во неа и мирисаше исто така.
Кој би помислил некогаш дека крвта може
толку убаво и нежно да мириса?

* * *

И така еден убав јунски ден заврши сè
како никогаш ништо и да не било.

* * *

Се чувствувам како згмечена под автомобил превртен наопаку, со тркалата нагоре.
Малку е.
Се чувствувам како сиот свет да се превртил наопаку и паднал врз мене.
И пак, малку е…

Оливер Серафимовски

Искрено

Летнаа покрај мене
Зборови
Кои не ги разбрав
За кои немав мудар одговор
Освен да им довикнам
Најсилно
ЕС ЕТИБЕ
Да и најискрено тоа го мислев
ЕС ЕТИБЕ
ДА
ЕС ЕТИБЕ
Остана само да ми одѕвонува
Мојот глас
Заедно со она што најискрено го мислев
ЕС ЕТИБЕ
ДА
ЕС ЕТИБЕ

Ѓоргиев Зоран

Ветaр

Уште една неспана ноќ
а во моја близина ни тело ни душа,
ни глас ни воздишка да ми дадат утеха.

Ткае мојот ум, но тие ткаенини ни јас не ги сакам,
не помагаат веќе ни оние ретки бели нишки
во вечната војна против мрачните пајажини.

Секое ново утро носи прекрасни предизвици
но јас сеуште се движам по трагите од претходните,
заробен во ноќта не го среќавам новото утро.

Дали некој навистина би ми подал рака
во таа ноќ со небо без ѕвезди и месечина,
или таа рака сака последниот здив да ми го земе.

Вчера беше гласна музиката
а ноќва сон не ми дава,
ветрот безшумен.

Анче Пешева

Се плашам

Се плашам кога сонувам,
се плашам кога зборувам,
се плашам кога пишувам.

Наутро кога станувам
се плашам штом ќе помислам
оти сонцето ќе зајде.

Навечер кога легнувам
се плашам штом ќе помислам
како утрото ќе го дочекам.

Се плашам за тоа дали ќе има утре,
се плашам за тоа како ќе мине денот,
а уште повеќе се плашам за тоа
како ќе мине животот.

Се плашам од минатото
се плашам за иднината
се плашам од се` и од секого.

А најмногу се плашам
за моите деца!

И ова кога го читам пак се плашам!
Се плашам од тоа
да не бидам погрешно сфатена,
а би сакала
секој да ја разбере мојата порака!

Чудно, но, не се плашам
да кажам оти се плашам.
Можеби затоа што
потајно се надевам
оти ќе дојде ден кога повеќе
за ништо и од никого нема да се плашам…

Екатерина Панева

Ова ќе биде расеано.
доста конфузно ко прашина
под утрински зрак кој се пробива низ ролетна
во студентска соба за време на испитна,
неисчистена од мисли штетни за
мозочниот озон.

Цел тефтер тежи на прозор,

нацицан со
изговори ароматизирани,
да оправда збунетост на овој автор.

Не пробувам да се извинам.
Често луѓето кои викаат Извини
се по дефинција Досадни.
А никому не ќе му се најдат дефиниции
такви,
сирови – несуштински бездни а популарни
ко капиталистичко суши без вкус.

И луѓето кои не знаат да пресметуваат дропки
се дефинираат најчесто како – прости.
Ама ајде!
Тоа се луѓе по дефиниција, безвременско среќни,
безгрижни.

Сретнав девојка која не знаеше дека една четвртина,
и една четвртина се една половина.
Ниту знаеше што означува таа “една четвртина”
Ниту сакаше да стави црта меѓу броевите.
Сфати со коцки чоколадо, затоа што единствено тоа го делела…
За да и остане за утре, или за после
… ама пак да си го стопи во себе…

Среќница!

Никогаш не се поделила себе. Ни дел од својот живот.
Такви дропки тешко се собираат.
Всушност, деловите од сам себе никогаш не се собираат.

Ќе се разделат во некој душевен еџгзодус
во (не)временски, (не)постоечки секвент
и Пуф!
Ко под зла амајлија ќе ти се скријат под
слоеви на ќебиња намачкани
со свежо испечен
сам себе, ниту приближно
вкусен како есенски џем од сливи.

А сам на себе никогаш не си топлина.
Само тегоба, бреме на несигурност.

И оди па собери се!
Нестрпливо чекам да видам како ќе ставиш под ист именител
љубов и заборав.
каење и неодлучност.
спомен и чекор напред.
апатија и иронична револуционерност.
капитализам и спирутиалност
овде и таму.

Како ќе ставиш европски студ и
балкански 7/8ски такт во една заграда
со заеднички множител.

Епа да, ќе ги ставиш.
Ќе ги усвитиш под некоја вештачка црта.
Ќе ги заградиш и заштитиш да не се уништат.
Ќе ги завариш со туѓи атоми
Само да не се растурат ко ѓердан бисери,
Зошто, тешко се собираат
Кога ти вибрира душа
од лошо вино.

Ама нема да се уништат дропките.
Само, она, целото…

Цел, половичен или на небројни и ненајдени делови,
кога ќе се разбудиш и од ролетните ќе те збуни зрак или
сенка од нечија светлина,
ќе те загради нечија целина,
ќе те собере за кратко во својата
и
ќе си речеш,
да сум жив и здрав.

Даниела Стојмановска

Вкоренет заборав од далеку пече

Ден по ден,
мисла се ниже,
вкоренет заборав од далеку пече.
Ќе ме остави ли да излезам од тесново тело?-му велам ме гуши.
Но не пушта глас за да ја утеши душава моја,
не ми дава светлина да гледам,да впивам.

Борба по борба,
водев и ќе водам се до крај.
Па зар не заслужува секој место свое?
Зар не заслужувам и јас?

И, исфрлам зборови ко исушен тутун,
небаре го трујам светот со истите лаги,
а, несакам веќе решетки ладни,
сакам да го слушнам гласот свој.

Изморена и ладна,
прогонета и празна,
ги земам во рака бледите солзи.
Велам: „Преживеав денес”-но знам запирање нема.
A, телото преговори треперно,
рефлексите навиката ја подгурнаа,
раката затрепери,
и ја поздрави устата со првиот дим од цигара.