Ристо Маџунков – Меѓу две небиднини

на А.Ш. и И. К.

Патувам долго
во тишината на твојата присутност
што се влева во мене како жедна суша
во времето постоиме заедно
и твојата песна ме храни
со скриена убавина на вечноста
меѓу две небиднини

Те гледам во срцевината на зборот
како самееш на ридот полн болка и мака
бистра реко, водо недотечна
твојот стих во срце го чувам од дете
како лика што ми дава надеж и мир
во сите колебливи времиња,
а твојот повик ме крепи во вечноста
меѓу две небиднини

Ги чувствувам во сегашноста
твојот неспокој и темно чекање
нашите полиња суви
и твојот глув лелек
сите нерамнини, огнови и диви реки
врз твоите плеќи на кои
самувам бескрајно во вечноста
меѓу две небиднини

се случи таа ноќ
да ме препознаеш паднат
и длабоко потонат без свест
да дојдеш невидлив
и да ме однесеш подалеку од тие поплави
и подземни реки

Во миг отворив очи и препознав небо
и рој ѕвезди го осветлија твоето око
кое надгледува и вишнее
ти си таму и бдееш дарувајќи спокој
на мојата крв и куса вечност
меѓу две небиднини

Копнеам по нежноста на твојот завет
песно што им подари песна
на сите пркоси,
бескрајна убавино во зрел бој
за созревање
меѓу две тивки небиднини

Ти си јазикот на бујната младост
раскошна вечност, вселено и свест,
утринска сончевино која буди копнеж
што седи во утробата на зборот
меѓу звуци и зраци,
и со светлина го лекува мракот
на нашата небиднина

Leave a comment