Ратка Колева Дамњановиќ – На Рамноденица (САД)

Како што денот се изедначува
со ноќта, а сонцето грее исто за сите
и кон север и кон југ од екваторот,
подеднакво и во изобилство,
таков да ни е денот секогаш,
чудесен, божествен, посебен ден,
кога и ѕвездите потсетуваат
дека едно нешто е исто денес
за сите што постоиме
светлоста што се истура врз нас.

Добро е утрото, убав е денот,
нека ни е на здравје
новата есен, новиот еквинокс,
со утринско кафе или
попладневен чај,
и весник или книга волшебна,
да го дочекаме новиот ден
да го соблечеме старото руво и да облечеме ново, поубаво.
Ех, само така да е.

Да не ни ја полнат главата
со нови и стари приказни
за успеси и неуспеси
новости за тековни и идни војни
преговори без мировни договори
вести за генерали и полковници
претседатели и премиери
кралеви и кралици
што ја трубат “вистината”
нашминкана како Барбика
а истовремено
ја кријат вината.

Вистинската вистина која е
вистинската ви(сти)на
која се менува и дотерува
како налагаат приликите
и потребите на привилегираните
или на избраните, но не од Бога.

Објави за сила и злочин,
новости за корупција
приказни за надеж и очај,
за оптимизам и издржливост,
достигнувања, триумфи,
приказни разни, што го трујат
етерот, пробрани, осмислени
светски вести, а наши…

Аугментирани реалности
вештачки интелигенции
извитоперени родови,
вредности и морали.
А мора ли?

А ние сме тие, истите ние
само еволуирани (но не по Дарвин)
константно евалуирани,
девалвирани, издресирани,
евакуирани, емигрирани,
изолирани, манипулирани,
кастрирани, аугментирани,
и со многу живи рани.

Рамноденица е,
чудесна,
и сè ни е рамно,
и сè е Исто
во с(в)еМирот
исти улоги, исти драми,
нови протагонисти
а исти!
само ние,
само ние,
дали ќе се разминеме
без да се препознаеме.

Leave a comment