Ратка Колева Дамњановиќ – На Рамноденица (САД)

Како што денот се изедначува
со ноќта, а сонцето грее исто за сите
и кон север и кон југ од екваторот… Continue reading

Николина Нолевска

До кога ќе останеме поделени?

И зошто?

Таа или Тој, или обратно,
Север или Југ, сеедно,
На два различни пола стоиме
И стратегии за надмоќ кроиме.
Родот не е потекло,
Повеќе е ефект,
Зашто сами го создадовме,
Вешто, кон природата го додадовме.
Јас сум она што Ти не си,
Секој носи свои белези.
Сепак, значењето останува како бледа „трага“,
хаосот на моќта сè претвора во лага.
Се враќаме кон веќе виденото,
Како да сакаме да го надминеме веќе стореното.
Се вртиме во маѓепсан круг,
Впрегнати во за`рѓан плуг!!!
Стравуваме од промени и нови идеи,
Заглавени „до гуша“ во стереотипија,
Вклештени во спокојство и монотонија,
Сè повеќе тонеме во самотија.
Доброволно се осудуваме на изолација,
Упорно тонеме во фрустрација,
Лесно стануваме жртви на манипулација,
Никако да се спасиме од стагнација.
Сепак, меѓу нас, некои, копнеат по одговори,
Некои, меѓу нас, се „отворени“ за промени
Сè до мигот кога ќе станеме определени:
По „невозможни“ договори,
Без разлика на полови,
Преку себенаметнување,
Преку преобразување,
Преку себесоочување.
Остануваме поделени,
Против униформирања,
Против обезличувања,
Против премолчувања,
Против ВКАЛАПУВАЊА!!

Елена Ѓорѓиевска Костадиновиќ

Задоцнување

Можевме да одиме кај баба ни
да ни раскаже за тоа
што ќе примевме како бовчалок
ако не го истуревме знаењето
во каналот на гнасотијата на светот.

Што ќе изгубевме
ако го послушавме дедо ни
да отидевме до крајот
на земската површина,
да преминевме таму
каде што никој ништо не видел
а дедо ни само ѕирнал.

Што ќе беше
ако не ја скршевме чашата
што стоеше во орманот
со која ќе го испивме благословот.
А да не зборувам за писмата,
во кои беа скриени вистините за светот.
Ги искинавме како стари партали.

Што можевме да предвидиме
само ако ги отворевме
портите на нашиот разум.

Сега останавме голи и боси.
Гладни и жедни.
Останавме во немаштија.
Желни за корка спокој.
Ах, ние лепрозни
ќе го видиме ли рајот?

Само да ги послушавме…