КОНКУРСИ ЗА ПОЕЗИЈА И ПЛАКАТ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „100 ИЛЈАДИ ПОЕТИ ЗА ПРОМЕНА“ 2020 ГОДИНА

Распишани конкурсите за поезија и плакат за јубилејното 10-то издание на 100 Илјади поети за промена Continue reading

Дејан Крстески – Се менувам

Во далечина одекнува одата на радоста,
толпа луѓе како мравки се движат,
како да изгубиле правец,
како да немаат друга цел освен неред да создадат. Continue reading

Македонија ќе учествува на првата светска конференција на 100 Илјади поети за промена во Италија

Во периодот од 3ти до 8ми јуни во Салерно, Италија ќе се одржи првата светска поетска конференција на 100 Илјади поети за промена (100 Thousand Poets for Change). Continue reading

Организаторите на 100 Илјади поети за промена во Струмица

Мајкл Ротенберг и Тери Керион вечерва во 20:00 часот во Маф Маф ќе го презентираат поетското движење 100 Илјада поети за промена во Струмица. Ова е светско движење кое последните три години се реализира ширум светот, а Струмица е една … Continue reading

Никола Ристевски

Аеиоу

Армакедон
Еон
Изменет
Отворен
Униние

Научив дека незнам
Запаметив да заборавам
Живеев а умирав
Уништив за да создадам

И слушнав молк
И вкусив крв
И допрев прв
И помирисав смрт

АЕИОУ
И видов огледало

Времето запре
Просторот исчезна

И би ден
И видов дека е лошо
И би ноќ
И видов дека е добро

Мракот е светлина
Светлината е лажна
Лагата прелестува
Прелеста буди

Будењето е несвесно
Во ноќите глуви

Воздивнувам
Созерцувам
При светлина умирам
Во мрак воскреснувам

АЕИОУ

И би ноќ
И видов дека е лошо
И би ден
И видов дека е добро

Даниела Хаџи Тоневска

Отров

Ме сечеш…
Не боли, ама нервира…
Прска насекаде отров на младост,
Ама залудно… не е ни важно.
Чкрипат некаде кочници,
Ѕвечкаат монети во далечина,
И почнува да боли…
Го продава некој отровот на младоста
Тргува со пот, земајќи за возврат гниеж.
Смрдеа…
Нема повеќе цветови, дрвја, мирисни липи
Ама има фасади, од блескави стаклени огледални површини
Колку убаво…
Можам насекаде да си го видам бесот на лицето
Можам да си ја видам подгрбавената фигура…
Се можам да видам, освен сонцето.
Наоколу е некако темно, затворено
И… мислам дека го изгубив стадото…
Сечи подлабоко…
Те молам, подлабоко, не боли
Почнува да фрустрира…
Земи го што побрзо
Отровот… пред да згнијам.

Ристе Иракоски

Мрак

Се плашиш од мракот?
Не си ги видел ѕвездите,
ниту мене со петролејот во фенер
како трагам по самиот себе.
Патописец на своите сонови,
анонимус во реалното.
Маана ми е добрината
патам од толеранција.
На протест против се.
За реалност и против неа.
За слобода и против неа.
За твоето лице или
за маската на Гај Фокс?
За кого?
Ризикот е голем кога туѓи раце ловат.
Го сакам мракот,
додека сте слепи во него.

Александра Спасеска

Лет во место

време во пранги.
време во лет.

црвени очи
на фотографии од лето
лебдат во кругот
на едно непремостено време.

и таму сум јас,
чекам попатен ветер
вгнездена во вртелешката
на бестрашност детска.

ме врти времето
само в десно, само таму
навиени се вртиме
само в десно, само таму
слепо се навалуваме
само в десно, само таму.

очите ни се црвени
од блицот на времето,
стоиме небаре
врамени
во вртоглав круг.

време во пранги.
време во лет.

– Пушти ме да се свртам само уште еднаш!

Отворен КОНКУРС за постер на манифестацијата „100. 000 поети за промена“ за 2013 година

Mанифестацијата „100. 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распиша конкурс за дизајнерско решение на постери/ плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот. Дизанерските решенија може да се испраќаат на facebook … Continue reading

Поети за Промена, Струмица 2013

На 28 септември, 2013 година, сабота, во Струмица, Македонија ќе се оддржи третата по ред манифестација „100 000 Поети за Промена“,настан кој е дел од глобалната манифестација 100 Thousand Poets for Change, меѓународна манифестација која годишно се оддржува во повеќе од 100 држави.

Mitko header 100 iljadi poeti

Манифестацијата има за цел да се шири и да ги мобилизира сите поети ширум светот, а досега во Македонија се вклучуваат сите оние кои сакаат и имаат волја да бидат промената која сакаат да ја видат во светот или најмалку во/ околу себе.

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите вклучени во ова движење обработуваат содржини од општествениот и социјален живот, мирот, одржливоста, природните ресурси, заштита на планетата Земја. Проблемите поврзани со глобалното затоплување, природните промени, со содржината на ранливите групи, желбата за поубав свет и подобро утре!

Преку овој проект ќе се согледа дали поезијата и пишаниот збор се доволно моќни да направат позитивна промена во државата, промена во начинот на размислување, односот на луѓето, обидот да се инспирираат и мотивираат луѓето за барем минимална промена. Да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, активистичка поезија, социјална, општествена опсервација на моментални состојби на умот и телото, размислувања и разговори со самите себе, внатрешни промени наспроти големата слика.

Струмица е веќе трет пат дел од ова глобално движење кое служи за подигање на свеста кај граѓаните за секојдневните проблеми со кои се соочуваме секојдневно, поети имаат единствена можност преку сопствената ангажирана поезија да проговорат за сите овие проблеми. Стиховите ослободуваат посебно кога во нив имаат силна порака!

Се гледаме наскоро со активности кои ќе го промовираат ова движење и нашата заедничка мисија! 100 000 Поети за Промена, Струмица 2013 може да започне!

p.s. се надевам(е) Ви се допаѓа нашиот блог ~